Спортска опрема, патики, ранци, маици, часовници, очила и различни додатоци се дел од богатото портфолио на препознатливиот бренд Adidas. Германскиот производител е на лидерската позиција во Европа и втора најголема компанија за спортска опрема во светски рамки.
Историјат
Почетоците на успешната приказна на Adidas започнува уште во 20-тите години од минатиот век. Адолф Ади и Рудолф Даслер во 1924 година ја основаа заедничката компанија под името Dassler Brothers Shoe Factory. Но, потоа решаваат да се одвојат и Ади на 18-ти август 1949 година ја регистрираше компанија Adidas, а неговиот брат претходно ја основаше компанија Puma. Ривалството меѓу двајцата браќа траела во текот на целиот живот.
Име и лого
Препознатливиот спортски бренд името го добива според името и презимето на неговиот основач – Ади Даслер. Но, постои и уште една верзија околу името поврзана со мотото: All Day I Dream About Sports, што во превод значи: Цел ден сонувам за спорт.
Во 1972 година, официјално беше прифатено логото на спортскиот бренд, а тоа беше детелината со три листа. Тие го симболизираат олимпискиот дух, поврзаност на три континенти, како и наследството и историјата на брендот. Во 1996 година, компанијата одлучува детелината да биде заштитен знак само на наследните производи. Од почетокот на ’96-та година, лого на компанијата се трите паралелни линии. Симболиката на линиите е во перформансите и иднината на идентитетот на Adidas. Логото ја симболизира посветеноста на компанијата за производство на висококвалитетни спортски производи за да може спортистите да остваруваат врвни резултати.
Познатите и Adidas
ФОТО: Facebook
Првата спортска опрема со брендот на Adidas е направена во 1967 година специјално за познатиот германски фудбалер Франц Бекенбауер. Во производите на Adidas уживаат голем број познати спортисти, како што се: поранешниот француски фудбалер, Зинедин Зидан, поранешниот германски репрезентативец, Микаел Балак и американската спринтерка, Алисон Феликс. Опремата на Adidas ја користат многу познати фудбалски тимови како што се: Bayern Munich, A.C. Milan, Chelsea и Real Madrid.
Факти за Adidas
- Седиштето на компанијата е во германската област Баварија
- На чело на Adidas од први октомври 2016 година е Данецот Каспер Рорстед
- Adidas ги создаде популарните ’влечки за туширање’. Овие влечки се направени по барање на германската фудбалска репрезентација во 1972 година. Тие сакале да користат посебни обувки додека се тушираат и одат во соблекувалните
- Броење на чекорите сега како задача ја имаат многу мобилни апликации, но во 1984 година Adidas ги претстави патиките Micropacer. На ’јазикот’ на патиките бил поставен таканаречен педометар.
- Поранешниот британски фудбалер, Дејвид Бекам, потпиша доживотен договор со Adidas во вредност од 160,8 милиони долари. Бекам е амбасадор на брендот во светски рамки.
- Мотото на Adidas е: Impossible is Nothing
- Во групацијата на Adidas се: Reebok, TaylorMade-Adidas, Runtastic, Five Ten Footwear и многу други.
- Adidas направи костим за капење, дресови и патики од рециклиран отпад од океаните
- Компанијата вклучува роботи во производството на патики
- Adidas ги следи светските трендови во технологијата, па создаде и апликација за патики со омилената фотографија на корисникот.