Албански тур оператори за првпат престојуваат во Дебар со цел да се запознаат со културно историски знаменитости и природните ресурси кои нудат идеални можности за развој на туризмот.
Активноста ја организаат во соработка со македонската амбасада во Тирана, меѓународната инвест канцеларија Македонија – Албанија – Косово, Општина Дебар и Албанската агенција за туризам.
“Оваа активност е од посебно значење зашто целта е промоција на туризмот, раст на трговската размена и продлабочување на економската соработка од двете страни на границата“, изјави Фатос Мустафа, раководител на Меѓународната инвест кацеларија Македонија – Албанија – Косово, во истовреме и претставник на македонската амбасада во Тирана.
Според градоначалникот на Дебар, Ружди Љата, дебарското подрачје има многу нешта со кои се гордее и кои може да им ги покаже на светот.
“Бројни туристички локалитети и интересни културно – историски споменици. Посебно привлечни за туристите се долината на Радика, Дебарско Езеро, бањските локалитети во Бањиште и Косоврасти, и многуте културно историски споменици. Ќе споменам само дел од нив, Инкар џамијата, манастирот Свети Јован Крстител попознат како Бигорски манастир, двата амами, мостот Еленски скок, неколкуте староградски куќи“, рече градоначалникот Љата.
Додаде дека тука се и новите објекти на дебарски инвеститори во областа на угосителството и туризмот покрај Дебарско Езеро, што се гаранција за удобен престој на туристите.