Фармацевтската компанија Алкалоид доби потврда на сертификатите за добра производна пракса (GMP).
“Агенцијата за лекови и медицински средства од Република Словенија (JAZMP), по извршената инспекција во погоните за производство на лекови, ги обнови сертификатите за сообразност со начелата на Добрата производна пракса (GMP), со важност од три години, дефинирани во Директивата 2003/94/ЕС и член 111(4) од Директивата 2001/83/ЕС, за цврсти фармацевтски форми, таблети и капсули, течни фармацевтски форми, за интерна и екстерна употреба и погонот за цефалоспорини“, стои во соопштението.
Оваа GMP инспекција и проверка на фармацевтскиот систем за квалитет, се изврши по прв пат на сите погони во исто време од Агенцијата за лекови и медицински средства од Република Словенија во улога на надзорен орган.
“Тоа претставува уште една потврда за највисоките европски стандарди што Алкалоид АД Скопје ги применува во секојдневното работење, а тие претставуваат основа за стекнување и одржување на авторизациите за пласман на своите производи во Европската Унија. Со ова Алкалоид АД Скопје се потврдува како високопрофесионален производител на фармацевтски производи со примена на најсовремени производствени технологии и деловни стандарди, сè со единствена цел – квалитетни, ефикасни и безбедни лекови“, велат од компанијата.