Фармацевтската компанија Алкалоид, од први јануари до 31-ви март оваа година, евидентираше добивка од 231.180.000 денари, покажува неревидираниот консолидиран биланс на успех објавен на Македонска берза.
“Остварената консолидирана нето добивка во 2017 година изнесува 231.180.000 денари и во споредба со остварената во 2016 година бележи зголемување за 11%“, стои во Образложението за остварени резултати.
Вкупните приходи од продажба, во првото тримесечје од ова година, достигнаа 2.332.909.000 денари. Од тој износ на домашен пазар се реализирани 884.176.000 денари, додека на пазари во странство е остварена продажба од 1.448.733.000 денари.
“Остварените консолидирани вкупни приходи во периодот јануари март 2017 година изнесуваат 2.423.000.000 денари и во споредба со остварените во истиот период во 2016 година бележат пораст од 11%. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество, 96%, имаат приходите остварени со продажба на производи и услуги кои во споредба со остварените во 2016 година бележат пораст од 10%“, стои во Образложението.
Вкупните инвестиции во основни средства во првите три месеци од годината беа на ниво од 128.227.000 денари. Во истиот период во Алкалоид се реализирани 30 нови вработувања во Македонија.