Alpine добива нов шеф

46

Лорен Роси е назначен за нов извршен директор на Alpine, перформансниот подбренд на Renault и ќе му одговара директно на Лука де Мео.

Продолжуваат промените во Renault групата, поточно во брендот Alpine за којшто шефот Лука де Мео има големи планови. Спортскиот перформансен подбренд на Renault сега добива нов извршен директор во името на Лорен Роси, кој доаѓа на оваа позиција од улогата на директор за стратегија и бизнис развој во Renault групацијата.

Исто така, од претходно е познато дека Alpine брендот го преземе Formula 1 тимот на Renault од оваа сезона. Шефот на тимот, Сирил Абитебул, беше назначен за извршен директор на Alpine во септември, но ќе се раздели со тимот, брендот и Renault.

Абитебул е на чело на тркачкиот тим уште од 2016 година, кога Renault се врати во најбрзиот циркус на планетата како фабрички тим. Неговото време со тимот имаше свои подеми и падови, но сето тоа резултираше со Renault да стане еден од најстабилните тимови во F1.

“Сакам да се заблагодарам на Renault групацијата што веруваше во мене толку години, особено со новото лансирање и реконструкција на тимот од 2016 година. Солидните темели на тркачкиот тим и ентитетите во Франција и Англија направени во текот на овие години, стратешката еволуција на спортот кон поекономично одржливи модели и неодамнешниот Alpine проект кои придонесуваат за обновено чувство на значење и динамикеа, укажуваат на една убава траекторија“, изјави Абитебул.

Иако Renault F1 тимот не ги достигна височините на кои се надеваше, во изминатата сезона изгледаше како еден од најсилните и со легендарниот Фернандо Алонсо со тимот во 2021 година, се чини дека Alpine F1 тимот е подготвен за силна иднина.

“Сакам да му се заблагодарам на Сирил за неговото неуморно учество, што на крајот го доведе Renault F1 тимот од дното во 2016 до подиумите во минатата сезона. Неговата неверојатна работа во F1 уште од 2007 година ни овозможува да погледнеме во иднината, со силен тим и новиот Alpine F1 Team идентитет да ги освоиме подиумите оваа година“, изјави Лука де Мео.

Сè уште не е познато кој ќе ја има улогата на шеф на тимот, но според некои извештаи, Марчин Будковски е фаворит за позицијата. Будковски во моментов е технички директор на тимот во моментов, а според некои информации, Давиде Бривио, поранешниот шеф на Suzuki MotoGP тимот, исто така ќе додбие место во тимот на Alpine.

Преземено од Avtoplus.mk