Amazon развива паметни очила за своите возачи

84

Американскиот гигант за онлајн трговија Амазон развива паметни очила за своите возачи кои би требало да им ја олеснат навигацијата за време на испораките и да го скратат времето за испорака на стоката, пренесува Reuters повикувајќи се на пет анонимни информирани извори.

Според изворите, насоките кои им се даваат на возачите преку очилата би можеле да заштедат неколку секунди за време на испораката и во исто време да ги намалат трошоците за испорака по пакет.

Трошоците за испорака на Амазон се зголемија во третиот квартал од 2024 година за осум проценти на годишно ниво на 23,5 милијарди долари, а компанијата е фокусирана на „последните 100 јарди (91 метар)“ за време на испораката и верува дека е можно да се забрза работата токму во последната фаза од испораката.

Проектот сè уште не е официјално претставен пред јавноста, а подобрувањето на овие очила може да трае со години, додаваат изворите.

Профитот на Амазон во третиот квартал од 2024 година се зголеми за 55 отсто на годишно ниво на 15,3 милијарди долари, особено благодарение на силните перформанси во неговиот оддел за облак компјутери, објави компанијата неодамна.