Анализа: Речиси половина од компаниите имаат три или повеќе жени менаџери

82

Бројката на жени менаџери иако се зголемува со текот на годините, сè уште во светски рамки заостанува зад онаа на мажите на раководни функции. Пред пет години имало 17% жени на високи позиции, а денес процентот е 21%.

Според анализата, околу 44% од компаниите имаат три или повеќе жени на менаџерски позиции, што е зголемување од пред четири години кога таа бројка била 29%.

И покрај овие подобрувања, изедначување за назначување на високи работни позиции нема во догледно време. Најголемата пречка со којашто жените се соочуваат е првиот чекор, односно унапредување во менаџер.

Според анализата во којашто биле опфатени 70.000 вработени од 329 компании, жените сè уште во многу помал број се назначувани на раковнодни функции за разлика од мажите, пишува CNN.

За секои 100 мажи унапредени како менаџери, само 72 жени се назначени за исти функции.

Една од причините според експертите е дека жените не се толку смели во побарувањата за повисока позиција. Другата е дека можат да заминат од менаџерската функција за да се грижат за семејството.

За да се намали овој јаз, се препорачува компаниите да обезбедат за жените специјализирани обуки за лидери и да им даваат високо одговорни задачи со цел да ги подготват за менаџерски позиции.

Според неколку анализи, оние компании кои имаат вработено речиси еднаков број на мажи и жени на различни позиции имаат и подобра финансиска состојба.

Фото: Pixabay