Autobest жирито ги додели првите награди од годинешниот избор, кои заминаа во рацете на Citroen, Škoda, Toyota, Тото Волф…
Autobest ги додели наградите во категориите Companybest, A Star Is Born, Designbest, Smartbest, Safetybest и Sportbest. Малиот Citroen Ami се закити со наградата A Star Is Born којашто се доделува за најиновативниот автомобил, а станува збор за возило кое може да се управува и без возачка дозвола. Жирито го пофали концептот кој го претставува малото возило на Citroen со посебен акцент на револуцијата во урбаната мобилност.
Наградата за бренд на годината, односно Companybest замина во рацете на Škoda. Тука се истакнува напредокот на чешката марка во Европа, растот на продажбата во последните неколку години, како и диверзификацијата на портфолиото со примена на најновите технологии во врска со системите за активна безбедност.
Френк Стивенсон се закити со наградата Designbest. Човекот кој работеше на голем број славни автомобили како Maserati MC12, Ford Escort RS, BMW X5, Mini и Fiat 500, заслужено ја доби оваа награда. Smartbest наградата замина кај Jaguar Land Rover благодарение на нивниот нов инфозабавен систем Pivi Pro.
Safetybest замина во рацете на Toyota за моделот Yaris. Причината за тоа е што Yaris е првиот автомобил од B сегментот кој нуди централни воздушни перничиња на предниот дел. За крај, во сегментот Sportbest, за лауреат е избран Тото Волф, шефот на Mercedes тимот во Formula 1.
Кога станува збор за главните награди, новите Citroen C4, Honda Jazz, Peugeot 2008, Seat Leon, Škoda Octavia и Toyota Yaris ќе се борат за титулата на Autobest, односно наградата Best Buy Car of Europe за 2021 година. Жирито во следните недели ќе го исполни гласањето по тестирањата и кон средината на декември ќе биде познат победникот.
Преземено од Avtoplus.mk