Банките со заострени кредитни услови за компаниите во првиот квартал од 2014

35

Банките ги заостриле кредитните услови кај корпоративниот сектор во првиот квартал од оваа година, додека кај населението истите се олеснети, покажува Анкетата за кредитната активност на банките на Народна банка на Македонија (НБРМ).

Најголемиот дел од банките оцениле дека ризиците имале неутрално влијание врз кредитните услови кај населението, а кај претпријатијата сметале дека овие фактори придонесуваат за заострување на кредитните услови.

Во првиот квартал од оваа година, над половината од банките ги посочуваат очекувањата за вкупната економска активност, перспективата на гранката на која припаѓа претпријатието, како и ризикот од неизвршување на обезбедувањето како основни причини за поконзервативна кредитна политика.

Во истиот период, и кај населението и кај корпоративниот сектор е забележано умерено зголемување на побарувачката на кредити.

Кај населението тоа зголемување е послабо во однос на претходната анкета. Кај претпријатијата има поголемо зголемување на кредитната побарувачка кај малите и средните преторијатија, додека кај големите тоа е послабо.

Претпријатијата најмногу кредити барале за инвестиции во основни средства, залихи и обртен капитал. Кај населението е забележано зголемена побарувачка на станбените и потрошувачките кредити.

Банките во следните три месеци очекуваат натамошно олеснување на кредитните услови и зголемување на побарувачката на кредити и кај населението и кај претпријатијата.

Дури 96% од банките очекуваат да не се променат кредитните услови за одобрување на корпоративните кредити.

Најголемиот дел од банките сметаат дека во првиот квартал кредитните услови продолжија да се олеснуваат. Околу 25% од банките укажуваат дека ризикот од неизвршување на обезбедувањето придонесува за заострување на кредитните услови, а од друга страна, 11% од банките укажуваат дека очекувањата за вкупната економска активност придонесуваат за олеснување на кредитните услови.

Со оваа анекта беа опфатени 14 банки.