Бруто домашниот производ (БДП) на еврозоната падна за 3,6% во првите три месеци од оваа година во однос на претходниот квартал или 3,1% на годишно ниво, покажуваат во вторникот сезонски прилагодените податоци од статистичката служба на Европската унија – Евростат.
Ова е помал пад од 3,8%, колку што проценуваше Еуростат, но сепак е најголем од 1995 година, од кога датира статистиката.
Во исто време, економијата на 27-члената Европска унија опадна за 3,2% во првиот квартал во однос на претходниот, што е исто така и најголем регистриран пад досега, според официјалната веб-страница на Евростат.
Ваквите движења се резултат на нагло опаѓање на потрошувачката на домаќинства и инвестиции, како резултат на итни мерки воведени во средината на март за борба против пандемијата на коронавирусот.
Потрошувачката на домаќинствата во еврозоната опадна за 4,7% во овој период. Поради затворањето на продавниците, рестораните, кафеаните, инвестициите паднаа за 4,3%, а извозот за 4,2%.
Бројот на вработените во монетарниот блок исто така опадна за 0,2% во првиот квартал во однос на претходните три месеци, што е прв пад од пролетта 2013 година, според податоците на Евростат.
Фото: Pixabay