Беар Грилс го демистифицира успехот

582

Ако некој рече Едвард Мајкл Грилс најверојатно нема да ви значи ништо, но ако се спомене Беар Грилс тогаш првата асоцијација е секако преживување во екстремни услови.

Тој е поранешен специјалец, потполковник, авантурист, писател и телевизиско лице од Велика Британија.

Светот дозна за неговата храброст и способност за преживување во екстремни услови преку телевизиските шоу Man vs Wild и Running Wild with Bear Grylls.

На прашањето кој потфат најмногу влијаел на неговиот живот, тој одговорил: Имав сериозен инцидент со падобран кога имав 22 години во тек на обука во британските специјални сили. Падобранот ми се отвори на висина од 4.000 метри. Паднав среде пустина, го скршив вратот на три места, а потоа поминав цела година на рехабилитација. Удирајќи на земја го “промашив“ ‘рбетниот мозок за милиметар и на тој начин ја сфатив вредноста на животот во полна смисла на зборот. По закрепнувањето одлучив да се качам на Монт Еверест и да го исполнам сонот што го имав од седум години. 18 месеци по тешкиот инцидент успеав да се качам на “врвот“ на светот. Мора да  жго зграбите животот и да живеете храбро.

Во една прилика, кога бил мал, советот што го добил од неговиот татко бил: Важно е да ги следиш соништата и да водиш сметка за своите блиски.

Иако во неговите телевизиски појавувања ѝ пркоси на природата, прави дури и невозможни работи од гледна точка на обичен гледач, Грилс е прилично едноставен човек кој смета дека никој не е брилијантен или храбар целиот живот. За него, неуспесите и стравовите се составен дел од успехот.

Инаку, Грилс е соосновач на иницијативата BecomingX, којашто има за цел да ги поттикне луѓето да ги сфатат потенцијалите што ги имаат. Во рамки на тој проект ќе бидат претставени помалку и повеќе познати лица кои отворено ќе зборуваат за патот кон успехот.

“Целта е да се демистифицира успехот“, смета Грилс, кој сака да им покаже на луѓето дека успешните во исто време се и “нормални“ луѓе.

Фото: Facebook