БЕГ креира база на апликанти за нови работни места

49

beg

БЕГ (Балкан енерџи груп) почнува со реализација на проектот за креирање база на податоци за евиденција на расположливите стручни кадри од домашниот пазар на труд од различни профили кои ќе бидат евидентирани и селектирани, а ќе бидат земени предвид во идните процеси за вработување во компаниите – членки на групацијата, стои во соопштението.

Креирањето на база на податоци е дел од процесот на преструктуриање и развој на БЕГ чија клучна цел е натамошна модернизација и воведување нови модерни технологија во целокупниот систем за централно греење. За успешно спроведување на овој процес неопходни ќе бидат свежи стручни кадри од различни области кои дополнително ќе придонесат и за воведување на нови модерни услуги за потрошувачите.

Базата на нови потенцијални вработени во БЕГ е отворена за сите заинтересирани лица од различни профили кои се подготвени да работат по највисоки професионални стандарди.

Групацијата особено ги охрабрува да аплицираат лицата со специфична стручна подготовка од профилите кои се дефицитарни на пазарот на трудот, како што се: машинобравари, бравари – заварувачи и шамотери за одржување на опрема и инсталации на термоенергетски постројки во топлани, како и ракувачи со ваквите постројки за кои се бара соодветното образование, стручна подготовка и сертификати за положени стручни испити од соодветната област.  Се бараат и машино -монтери кои би биле дел од екипите за одржување на дистрибутивната топлинска мрежа и топлинските станици, монтери на уреди за греење кои имаат сертификат – уверение за заварување, како и апликанти за работни позиции каде предност при ангажирањето би имале стручни кадри со високо образование и знаење од областа на компјутерската технологија, како што на пример е позицијата – диспечер за мониторинг и управување на дистрибутивниот топлински систем. Досегашното работно искуство на апликантите не е пресуден фактор во оваа фаза од процесот, но секако ќе биде соодветно вреднувано во останатите фази, особено доколку се отвори процес на вработување на некоја отворена позиција во компаниите во рамки на групацијата.

БЕГ ги охрабрува сите заинтересирани лица да ги достават своите апликации преку контакт електронските адреси кои се наоѓаат на web страниците на компаниите во рамки на групацијата. Сите пристигнати апликации ќе бидат разгледани и евидентирани во новата база на потенцијални вработени, со подеднаква шанса кандидатите да бидат повикани на разговор за учество во процесот на вработување, согласно потребите за одредени отворени работни позиции во периодот што следи.