Бордот на европски студенти по технологија – БЕСТ Скопје, од 15-ти до 18-ти февруари оваа година, по осми пат организира инженерски натпревар – EBEC со кој им нуди шанса на македонските студенти да ги истакнат своите способности за креативно решавање на инженерски проблеми, а на компаниите соработнички им овозможува директен контакт со најдобрите студенти и одлична шанса за нивна регрутација.
Натпреварот ќе се одржи во просториите на компаниите IT Labs, кои се годишни партнери, како и Dox Team, кои се овогодишни соработници за EBEC.
Во склоп на натпреварот ќе се одржи и Локален настан за образование (Local Event on Education) на тема: Традиционални наспроти современи методи на предавање – Патот до успешна работна кариера?.
Во следните два дена, учесниците ќе се натпреваруваат во две категории: Case Study & Team Design, во просториите на IT Labs и Dox Team, а пак на 18.02 ќе се одржи официјалното затворање на настанот.
Работата на учесниците ќе биде следена и оценувана од страна на стручно жири составено од претставници од компаниите, како и професори од техничките факултети при УКИМ.
EBEC е кратенка од Европски БЕСТ инженерски натпревар (European BEST Engineering Competition) и секоја година се одржува во три рунди: локална, регионална и интернационална. Победниците на локалната рунда ќе отпатуваат оваа пролет во Мостар, Босна и Херцеговина каде ќе се натпреваруваат со победниците на останатите локални рунди од регионот. Најдобрите групи од регионалните рунди пак, ова лето ќе имаат можност да ги покажат своите способности пред европските студенти и професори во Брно, Чешка, како и да се запознаат и да разменат искуства со претставниците од компаниите – партнери на EBEC.