Жителите на Новаља на островот Паг со години се бунат против начинот на кој популарната плажа за забави Зрќе влијае на развојот на туризмот. За да ги вратат и гостите кои влегуваат во категоријата на семеен туризам и притоа сите да се чувствуваат пријатно, властите воведуваат туристички бонтон.
Од оваа година, на најпознатата party дестинација во Хрватска, ќе се воведат ограничувања во однос на јачината на пуштање музика, точењето на алкохол и старосната граница за гостите по клубовите. Туристите повеќе нема да смеат во костими за капење да шетаат по градот и да пијат алкохол на јавни површини. Оние што нема да се придржуваат до новите правила ќе бидат прво опоменати, а потоа казнети со 1000 куни (130 евра).
Зрќе или како што ја нарекуваат “хрватската Ибица” е плажа позната по целодневните забави, а многу често забавата од плажата се префрла по улиците на Новаља.