Цените на нафтата пораснаа денеска бидејќи инвеститорите останаа внимателни пред очекуваното намалување на каматните стапки од страна на американската централна банка, истовремено разгледувајќи го потенцијалниот ефект од построгите санкции кон Русија врз понудата.
Фјучерсите на суровата нафта „брент“ поскапеа за 32 центи, или 0,44 отсто, на 73,51 долари за барел, а на американската „Вест Тексас интермедит“ поскапе за 32 центи, или 0,46 отсто, на 70,40 долари за барел.
Пазарот чека индиции за насоката на каматните стапки за 2025 година по состанокот на Федералниот комитет за отворен пазар (FOMC), кој се одржува денеска, велат аналитичарите.
„Дополнителните санкции од Западот би можеле да ограничат некои загуби во денешното тргување, но инвеститорите остануваат внимателни пред состанокот на FOMC. „Цените на нафтата најверојатно ќе останат задржани во нивниот сегашен опсег, а пригушеното движење на цените се очекува да трае до крајот на годината“, рече Јеап Јун Ронг, пазарен стратег во ИГ.
Се очекува ФЕД денеска да ги намали каматните стапки по трет пат од почетокот на циклусот на олабавување на политиките. Пониските стапки ги намалуваат трошоците за задолжување, што може да го поттикне економскиот раст и побарувачката за нафта.
Во меѓувреме, Европската унија вчера го усвои 15-тиот пакет санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина, ограничувајќи дополнителни 33 бродови од флотата што се користат за транспорт на сурова нафта или нафтени деривати од Русија. Велика Британија, исто така, санкционираше 20 бродови за транспорт на недозволена руска нафта.
Новите санкции би можеле да поттикнат понатамошна нестабилност на цените на нафтата, иако досега не успеаја да ја исклучат Русија од глобалната трговија со нафта.