По успешно организираните пет CEO (Career, Entrepreneurship and Opportunities) конференции во БиХ (Сараево, Мостар, Тузла, Зеница и Бања Лука), во организација на Економскиот факултет при Универзитетот во Сараево, овој проект од годинава добива регионален карактер. Економскиот факултет оваа година ќе организира CEO конференции и во Загреб, Подгорица, Белград и Љубљана, во соработка со државните Економски факултети од наведените градови, пишува studomat.ba.
Конференцијата во октомври, ноември и декември 2015 година, во овие девет градови ќе собере 2.500 млади од Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија и БиХ, 100 говорници и преку 300 компании и организации.
“Преку слоганот Моменти што го менуваат животот (Life changing moments), конференцијата ќе се обиде да ги поврзе младите со успешни претприемачи што ги разбиваат митовите за успех, мотивирајќи ги да заземат проактивен пристап кон претприемништвото и развојот на кариерата”, вели Армин Талиќ, раководител на Центарот за претприемништво и развој на кариера на Економскиот факултет при Универзитетот во Сараево.
До сега CEO конференцијата придонесе за вработување на преку 50 учесници, основање на сопствени бизниси и започнување на иницијативи за добри бизнис идеи на десетина млади луѓе.