Компанијата Daimler ќе се подели на две посебни и независни компании, од кои едната ќе биде за камиони и автобуси, а втората за автомобили.
Германскиот производител Daimler донесе одлука да се подели во две независни компании, а потегот го објаснуваат како “дизајниран да се отклучи целосниот потенцијал на бизнисот“, па така одделот за производство на камиони и автобуси ќе стане посебен ентитет наречен Daimler Truck.
Производителот вели дека Daimler Truck ќе има целосно независен менаџмент, како и свое сопствено корпоративно раководство, вклучително и независен претседател и надзорен одбор. Новата компанија ќе биде поставена и на франкфуртската берза и “значителен мнозински пакет акции“ ќе бидат дистрибуирани до акционерите во Daimler.
Но, ова не е единствената промена со оглед на тоа дека Daimler ќе биде преименуван во Mercedes-Benz. Ова ќе се случи во „соодветно време“ во иднината и за прв пат по речиси еден век компанијата во своето име ќе го нема зборот Daimler. Во соопштението, претседателот на Dаimler Ола Калениус истакна дека “ова е историски момент за Daimler со оглед на тоа дека обележува старт на апсолутно реформирање на компанијата. Mercedes-Benz Cars & Vans и Daimler Trucsk & Buses се два различни бизниси со специфични групи на купувачи, технолошки патишта и капитални потреби“.
Калениус исто така истакна дека поради големите промени во автомобилската индустрија, компанијата пресуди дека двете посебни единици ќе бидат во можност „да работат најефикасно како посебни ентитети, опремени со силна ликвидност и ослободени од конгломератските ограничувања“.
Во Dаimler Trucks се подготвени да ја искористат популарноста на електричните и камиони на горивни ќелии. Секако, треба да се напомене дека Daimlеr Trucks веќе е успешен бизнис кој има седум брендови под еден покрив. Тие исто така испорачаа речиси половина милион камиони и автобуси до клиентите во 2019 година и имаа приходи од 40 милијарди евра.
Дополнителни информации за овие промени ќе бидат презентирани на вонредниот состанок на акционерите во третиот квартал од годината.
Преземено од Avtoplus.mk