Данска, Германија и Турција – земји со најдобра финансиска дисциплина

41

presmetka

Данска, Германија и Турција се земји што имаат најдобра дисциплина за плаќање во Европа, а најлоша е наплатата во Португалија, покажуваат резултатите од анализата, која опфати 21 земја во период од 2008 до 2013 година, што ја изработи компанијата Cribis, D&B Partner Dun & Bradstreet.

Анализата ги опфати сметките на повеќе од 27 милиони компании со преку пет милијарди трансакции и покажа дека постојат значајни разлики во дисциплината на плаќањата меѓу европските земји.

Во Европа, обврските во договорениот рок во 2013 година во просек ги подмириле 38% од компаниите, што е помал процент на претпријатија за разлика од претходната година, додека 3,9% од компаниите во истата година во просек ги подмириле своите обврски со задоцнување од над 90 дена.

Компаниите од Данска, Германија и Турција биле најредовни и ги почитувале поставените рокови за подмирување на обврските. Данските компании веќе две години по ред се најдобри плаќачи во Европа, заземајки процент од 87,6%. Тој процент кај германските компании е 75,3%, додека во Турција е 54,6%.

Од друга страна, недостаток од дисциплина на плаќањата меѓу компаниите е забележана во Португалија. Рокот за исплата на обврските го почитувале само 16,5% од компаниите, што е најниско во однос на сите земји членки опфатени со анализата.

Во Холандија, Унгарија, Белгија, Шпанија, Словенија, Италија и Финска во текот на 2013 година дојде до пораст на навремена исплата на обврските.

Од земјите во светот, анализата покажа дека на Тајван во 2013 година, во рок се подмирени обврските од 74,5% од компаниите, додека во Мексико договорените рокови ги почитуваат 56,9% од компаниите.

Земјоделство, шумарство, лов, риболов и градежништво се секторите што бележат најголема финансиска дисциплина, анализирано според секторите во кои припаѓаат компаниите.