Десет правила на штедење до кои се придржуваат богатите

684

Денеска, 31 октомври, се одбележува Светскиот ден на штедењето, иако цел месец октомври е во тој знак. Овој празник, официјализиран на меѓународно ниво, уште еднаш не потсетува колку е важно адекватно и рационално да се располага со парите.

Кои се  заедничките особини и правила кои ги поседуваат луѓето кои се добри во управување со парите? Верувале или не, овие 10 практични трикови за штедење, кои ги користат богатите луѓе, можат во целост да го променат изгледот на вашата заштеда.

Правилото 24 часа

Милионерите се колнат во ова правило. Тие секогаш добро размислуваат пред да донесат одлука за одредено купување. Емоциите често се двигател на импулсивното купување и често тоа е непотребно. Поставете си го прашањето: “Дали тоа го сакам или навистина ми треба?“ и сигурно нема толку многу да трошите.

Готовина наместо картички

Економиите во кои акцентот е на безготовинското плаќање имаат многу предности, но долговите на кредитните картички често не се пријателски настроени. Луѓето кои трошат плански повеќе ја сакаат готовината во однос на картичките, особено кога станува збор за помали купувања. Богатите особено го нагласуваат животниот образец “избегнување на долгови“.

Одредете буџет и придржувајте се до планот

Ова може да звучи како клише, но јасното одредување на буџетот на денот кога ќе ја добиете платата навистина ќе ви помогне да заштедите пари. Споредете ги своите приходи и расходи и поставете горна граница на своите лични трошоци. Финансиските експерти тоа го нарекуваат правило 50:30:20.

Трошете на нешта кои ви помагаат да заработите

Не мора да сте сиромашни за да штедите. И богатите штедат. Тие всушност вложуваат во нешта кои им носат уште повеќе пари, а не во еднократни задоволства. Вложувањето во нешто што ќе го развие вашиот бизнис или ќе ги зголеми вашите примања сигурно е покорисно од нова чанта или луксузен автомобил.

Инвестирајте во услуги кои ви штедат време

Богатите не се срамат да трошат на услуги кои би можеле да им заштедат време и да ги спасат од ментална агонија. Тие се фокусираат на вложување, а не на трошење. Доставата до дома или изнајмувањето на релативно скап простор, но кој е поблиску до работата, само ќе ви овозможи да минувате повеќе квалитетно време. Иако тие услуги чинат, некои нешта како среќата и менталното здравје немаат цена.

Прво сметките

Разбирањето на фиксните трошоци е она што на луѓето кои се добри во управувањето со парите им оди подобро од нас. Тие своите фиксни трошоци ги плаќаат уште првиот ден така што имаат јасен поглед на тоа како да го трошат остатокот од парите.

Листа за купување на годишни распродажби

Сите сакаме распродажби. Сепак, купувањето нешта на распродажба не мора да значи и заштеда на пари. Колку и да се ниски цените на распродажба, понекогаш ве тераат да трошите повеќе отколку што би требало и да купувате нешта кои воопшто не ви биле ни потребни. Луѓето кои добро се снаоѓаат со парите советуваат однапред да направите список со она што ви е неопходно за навистина да заштедите на распродажбите.

Инвестирајте во нешта кои ве прават среќни и здрави

Повременото купување на нешта кои ве прават среќни и ги збогатуваат вашите хобија и страсти е во ред. Богатите се трудат да го сакаат она што го работат и вложуваат во нешта кои ги прават среќни.

Обидете се да не трошите за време на викендите

Луѓето кои се добри во штедењето исто така се способни да им се спротивстават на нагоните за непотребно трошење. Обидете се да минувате по некој ден или викенд без да трошите. На пример, наместо да одите во некој скап ресторан, обидете се сами да направите некој специјалитет.

Поправете ги нештата пред да ги фрлите

Пред да се одлучите да ја фрлите старата машина, искинатата торба или оштетените чевли, обидете се да ги поправите. На овој начин заштедувате пари, но ја чувате и  планетата.