Германската телекомуникациска компанија Deutsche Telekom соопшти дека продава 70% од уделот во својата компанија за рекламирање на интернет за 1,5 милијарди евра. Deutsche Telekom наведува дека ќе задржи 30% од уделот во компанијата Scout24 Holding, која контролира неколку водечки европски интернет портали за купување и продажба на недвижнини и автомобили.
Според соопштението, поголемиот дел ќе оди во рацете на инвестициската компанија Hellman & Friedman LLC, која има канцеларии во Сан Франциско, Њујорк и Лондон.
Deutsche Telekom уште пред една година најави дека ги разгледува опциите за реорганизација на своите интернет портали, а особено на порталот за продажба на половни автомобили AutoScout24. Тогаш Financial Times пишуваше дека меѓу компаниите што покажале интерес за Scout24 е и германската медиумска групација Алекс Спрингер, а можно е интерес да покажат и Auto Trader и Ebay, кои веќе имаат развиени платформи за интернет продажба на автомобили и за малопродажба.
ImobilienScout24 е најголем германски портал за трговија со недвижнини, со преку седум милиони посетители, додека AutoScout24 е европски портал за автомобили, активен во 18 земји, а во Германија има 13 милиони корисници.