Хуманитарната кампања Шанса за живот, иницирана од компанијата ОКТА, ја доби поддршката од Македонската Кошаркарска Федерација. Преку кампањата се собираат средства за опремување на Одделението за интензивна нега од Клиниката за детски болести од Скопје.
Македонската Кошаркарска Федерација ги повикува сите свои поддржувачи и навивачи да донираат најмалку 100 денари за целите на оваа кампања и за возврат да добијат алка со слоганот и логото на Шанса за живот. Секој што ќе донира и ќе ја покаже алката на влезот на салата, ќе има можност бесплатно да го проследи пријателскиот кошаркарски натпревар Македонија – Израел што ќе се одигра на 11-ти август во Спортски центар Јане Сандански. Алката, што всушност претставува и влезница ќе може да се набави со донирање на минимални 100 денари на штандовите поставени пред Спортскиот центар Јане Сандански, неколку часови пред натпреварот, или пак, сè до вторник, на бензиските пумпи на ОКТА ширум државата.
Целта на оваа кампања е да се подобрат условите за работа во Одделението за интензивна нега каде што секојдневно се сместуваат предвремено родени и родени со компликации новороденчиња од Македонија, како и да се намали бројот на смртност меѓу нив. Со собраните средства ќе се набави нова апаратура и ќе се изврши и сервисирање на постоечката.
Македонската Кошаркарска Федерација, ја увиде реалната состојба на Одделението и поради тоа несебично и целосно ја дава својата поддршка, а со тоа ги мотивира и своите фанови да го сторат истото.