Државниот пазарен инспекторат ги изрече првите парични казни за непочитувачите на одлуката на Владата со која им се наложи на трговците да ја намалат профитната маржа на седумдесетина прехрамбени производи за 10 отсто со што би се намалиле нивните цени во малопродажба.
Во согласност со Одлуката на Владата за посебни услови за трговијата на одделни стоки извршени се над 60 надзори на цела територија на Република Северна Македонија. Издадени се 8 прекршочни платни налози во висина од над 1.196.000 денари, а кај останатите субјекти постапките се во тек, информираат од ДПИ.
Денес се контролираат бурекџилниците, помалите маркети и останати трговци на мало. Излезени се 47 тимови на терен, односно 135 инспектори на ниво на цела држава.
-Толеранција нема да има и трговците имаат обврска да ја почитуваат Одлуката, велат од ДПИ.
Есенската кошничка ќе важи до 31-ви октомври, а потоа следуваат предновогодишна и пролетна кошничка за намалување на цените на производите кои најмногу се користат во тој период од годината.