Кога ќе се спомене Dunkin’ Donuts веднаш помислуваме на превкусни крофни и слатки печива. Но, малкумина знаат дека една од најуспешните франшизи денес во светот ја започна својата приказна во далечната 1948 година со скромен ресторан во Квинси, Масачусетс што се викаше Open Kettle. Основачот на компанијата, Вилијам Розенберг во тоа време продаваше крофни за пет и кафе за десет центи.
Името за кратко беше сменето, па така ресторанот во 1950 година се преименуваше во Dunkin’ Donuts, а целта на Розенберг беше да ги направи највкусните крофни и најдоброто кафе и истите да бидат брзо и љубезно послужени во продавници со модерен изглед. Оваа филозофија се практикува и денес и е заслужна за големиот успех.
Во 1955 година се отвори првата франшиза на Dunkin’ Donuts и само за десет години бројот на ресторани достигна 100. Осум години подоцна, со само 25 години, синот на Вилијам, Роберт ја презема функцијата како извршен директор.
По повод успешното работење, компанијата во 1972 година за прв пат ја престави мини крофната Munchkins. Во годините што следуваа Dunkin’ Donuts го прошири асортиманот на производи и вкусови со цел да привлече што поголем број на купувачи. Покрај добро препознатливите лешник, карамел и француска ванила, во рестораните се послужуваат и сезонски вкусови, како на пример, тиква, пеперминт, пекан орев. Освен црно кафе и еспресо, може да се порача и топла чоколада, леден чај, замрзнати пијалаци Coolatta зачинети со кафе и млеко или овошно смути.
Превкусни крофни, ладни сендвичи, колачиња, мафини, тост сендвичи познати како Big N’ Toasted, сендвич од глазирана крофна се само дел од менито на Dunkin’ Donuts.
Денес само 8% од продажбата отпаѓа на крофните, најмногу односно 65% се продаваат пијалаци, а останатите 27% ги вклучуваат сендвичите и разните печива. Од 2007 година, компанијата значително ги намали транс мастите во своите производи и започна да користи масла од палма, соја и памук, со што штетните масти, шеќери и останати елементи се намалени за минимум 25%.
Минатата година Dunkin’ Donuts ја престави On – the – Go Ordering, апликација со којашто корисниците може да нарачаат производ преку мобилен телефон 24 часа однапред од посакуваниот ресторан.
Од една мала продавница во Квинси денес франшизата брои над 12.000 низ 45 земји во светот. Моментално на чело на компанија стои Најџел Тревис. Годишно се послужуваат приближно 1,9 милијарди кафиња и истите важат за едни од најдобрите во индустријата на глобално ниво за што сведочи и минатогодишниот остварен приход од 828, 9 милиони долари.
Интересни факти
Во просек, за една секунда во рестораните на Dunkin’ Donuts се продаваат 30 кафиња.
Последниот во низата производи – кроасанот крофна или Cronut е едно од најуспешните печива. Само во првите три месеци беа продадени 8,5 милиони вакви крофни.
Во 1979 година, компанијата продаваше крофни во форма на јајца за Велигденските празници. Десет вакви крофни чинеа само за 1,49 долари, многу помалку од денешните Munchkins.
Во рестораните честопати се одржуваат и венчавки.
Во Кина рестораните служат крофни со свинско месо и морски алги.
Оригиналниот Dunkin’ Donuts во Квинси сè уште работи и е реновиран за да изгледа како во 50-тите.
Заклучно со јуни 2017 рестораните нудат 70 различни видови на крофни.
Матичната компанија на Dunkin’ Donuts, Dunkin’ Brands Group, исто така, го поседува најголемиот ланец на продавници за сладолед Baskin – Robbins, којшто има 7.600 локации во 50 земји.
Фото: Dunkin’ Donuts и Pixabay.