Една четвртина од македонските туристи во странство плаќаат со картичка

121

Околу 24% од македонските туристи кои патуваат во странство за плаќање ја користат својата платежна картичка, покажа најновото издание на студијата MasterIndex Mastercard. Истражувањето ги покажува туристичките и финансиските навики на Македонците кога патуваат во странство, како што се причините за патувањето, како и колку често ги користат картичките.

22% од испитаниците на MasterIndex во странство патуваат двапати годишно, 21% – еднаш годишно, а 18% – најмалку еднаш во три месеци. 30% од сопствениците на картички воопшто не патуваат во странство. Македонците ретко патуваат во странство за работа, односно од вкупно 77% од испитаниците кои се изјасниле дека планираат да патуваат во странство во текот на 2019 година, 10% од испитаниците најавиле дека ќе имаат службено патување. Најчеста причина за патување е годишниот одмор со 57%, додека за посета на семејството во странство се изјасниле 8%.

Кога патуваат во странство, повеќето Македонци потврдуваат дека платежните картички се безбеден начин за плаќање, односно повеќето од испитаниците (60%) изјавиле дека плаќањето со картички во странство е безбедно. Сепак, 74% од испитаниците кога патуваат во странство плаќаат во готовина. Останатите 24% се потпираат на платежните картички кога плаќаат и тоа, 14% користат само дебитна картичка за плаќања во странство, 5% само кредитна картичка, додека други 5% најчесто користат платежни картички и други средства за безготовинско плаќање.

Сопствениците на картички кои не користат исклучиво готовина кога патуваат во странство сметаат дека придобивките од користење платежни картички се многубројни. Според 48% од нив, картичките се попогодни за користење од кешот (готовината), а според 43% можноста за плаќање со картичките е достапна насекаде. Речиси 29% од испитаниците претпочитаат да не носат готовина со себе и исто толку, 29% се чувствуваат побезбедни кога користат само картички.

Додека се во странство, испитаниците се потпираат на различни мерки за да ја зголемат безбедноста при користење на картичките. Главно се потпираат на тоа да не ги носат со себе истовремено сите средства за плаќање – 34%, додека 18% земаат само една картичка или картичка поврзана со сметка во странска валута. Околу 16% го паметат ПИН бројот наместо да го запишат, 14% имаат вклучено СМС известувања за плаќањата, 8% не користат јавно достапно WIFI за плаќања преку Интернет, а 7% ја известуваат банката за патувањето.

Вања Манова, менаџер за Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Косово вели дека потрошувачите ја ценат безбедноста, брзината и погодностите кои картичките ги нудат во секојдневните активности додека патуваат.

“Потрошувачите сѐ уште се запознаваат со можностите кои платежните картички ги нудат за оние кои патуваат во странство. Нивните навики се менуваат, а наша мисија е да им понудиме безбеден и сигурен производ што ќе ги задоволи нивните потреби и очекувања”, вели Манова.

Навиките во пазарењето дома и во странство кај испитаниците се многу различни. Кога се во Македонија, дебитните картички најчесто се користат за купување храна (58%), како и за повлекување готовина од сметката (42%), облека (20%) и плаќање сметки и бензин по (15%). Додека кредитни производи, како пригоден начин за одржување на дополнителни средства или отплата на рати, најчесто се користат за купување мебел и апарати за домаќинство (31%), храна (30%), повлекување на готовина (24%) и облека (17%).

Во странство, Македонците главно користат платежни картички за купување – 53%, плаќаат за сместување – 48%, оброци и пијалоци – 43% и значително помалку за купување подароци – 20%.

Фото:Pixabay