
Европската Унија уште од нејзиното основање и создавањето на голем и интегриран единствен пазар претставува благодeт за САД, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за економска безбедност, трговија, финансиски услуги и царини Олоф Гил во врска со коментарот на американскиот претседател Доналд Трамп дека ЕУ е формирана за да ја „искористува“ Америка.
– ЕУ ја олесни трговијата, ги намали трошоците за извозниците и ги усогласи стандардите и регулативите во сите наши земји членки.
Како резултат на тоа американските компании можеа да инвестираат и да генерираат значителни приходи, токму затоа што ЕУ е голем унифициран пазар кој е добар за бизнисот, рече Гил, додавајќи дека понекогаш е тешко да се поверува дека мора да се дават одговори на вакви работи.
Тој нагласи дека големиот и интегриран единствен пазар на ЕУ е добар за бизнисот и е една од клучните причини зошто трансатлантската трговија изнесува над 1,500 милијарди евра годишно, што претставува најголема билатерална трговска и инвестициска размена во светот.
– Европската унија верува дека треба да работиме заедно за да ги зачуваме овие можности за нашите луѓе и бизниси од двете страни на Атлантикот, наместо да работиме едни против други.
Ние се залагаме за отвореност и реципроцитет во дијалогот. Подготвени сме да бидеме партнери врз основа на правила, но исто така ќе ги штитиме нашите потрошувачи и бизниси на секој чекор.
Тие од нас не очекуваат и не заслужуваат ништо помалку, истакна Гил.
Во однос на најавата на Трамп за воведување на царини од 25 отсто за увозот на стоки од ЕУ, Гил најави дека ЕУ ќе ја следи состојбата и ако тие бидат воведени ќе реагира решително и навремено.