ЕЛЕМ: Успешно се балансира нивото на Охридското Езеро и на Црн Дрим

39

elem-580x268Поради врнежите од дожд и топењето на снегот што предизвика голем доток на води, во изминатите неколку недели нивото на Охридското Езеро континуирано и брзо се зголемува и во последните неколку денови ја надмина максималната кота од 693.75 мнв. стои во соопштението на АД ЕЛЕМ.

Според мерењата коишто ги врши надлежната служба на ХЕС Црн Дрим, котата вчера изнесувала 693.82 мнв. Со водостопанска дозвола издадена од МЗЖСПП од 24.11.2017 за користење на водата на излез на реката Црн Дрим од Охридското Eзеро од страна на АД ЕЛЕМ за производство на електрична енергија, наведено е дека во исклучителни случаи, при појава на големи води, максималната кота може да биде 694 мнв.

АД ЕЛЕМ ја информира јавноста дека ги презема сите мерки за забавување на растот на нивото на езерото и дека производните капацитети по течението на реката Црн Дрим, хидроелектраните Шпилје и Глобочица, работат со речиси максимален капацитет веќе два месеца, со цел со зголемен контролиран испуст на вода од Охридското Езеро во Црн Дрим и нејзино прифаќање во електраните, да се одржува нивото на езерото, но, во исто време да се одржува нивото и на реката и да се превенира прелевање на речното корито.

Стручните лица од АД ЕЛЕМ и од ХЕС Црн Дрим непрекинато ја следат на терен состојбата со нивото на Охридското Езеро и преземаат мерки за одржување на котата под максималната дозволена за периоди на големи води, како што е 2018г. Сакаме да потсетиме и дека 2010 и 2013 беа исто така години со голем доток на вода и дека во куси периоди котата на Охридското езеро тогаш ја надмина максималната 694мнв, без да бидат предизвикани штети за околината.