Европската централна банка (ЕЦБ) изработува план како да се справи со најверојатно стотици милијарди евра неплатени заеми како резултат на пандемијата на коронавирусот, што вклучува и основање на “лоши банки“, пренесува Seebiz.
Планот, којшто моментално се изработува во период додека Европа собира 1.000 милијарди евра за да ја зајакне економијата, има за цел да ги заштити комерцијалните банки од какви било падови од кризата во случај растечката невработеност да ги намали приходите потребни за враќање на заеми.
Луѓето запознаени со планот велат дека ЕЦБ основала работно тело коешто ќе ја проучи идејата за “лоши банки“. Концептот лоши банки е осмислен за банки кои се основани за да купуваат заеми и други неликвидни удели во други финансиски институции.
Од ЕЦБ не коментираат дали се работи на планот за “лоши банки“. Износот на долговите во еврозоната за кои се смета дека има мали шанси дека ќе бидат отплатени сега изнесуваат повеќе од 500 милијарди евра, вклучувајќи кредитни картички, заеми за автомобили и хипотеки. Тој долг би требало да порасне затоа што пандемијата на коронавирусот зема сè од тие што позајмиле. Се очекува дека долгот ќе порасне на 1.000 милијарди евра, оптоварувајќи ги веќе погодените банки и отежнувајќи го новото кредитирање.
Како најмоќна институција на еврозоната, пресудна е поддршката на ЕЦБ на планот, но исто така потребно е одобрение од Германија, којашто е најголема економија во блокот. Берлин долго време се противеше на идеите за прифаќање заедничка одговорност за долговите на други земји, иако неодамна изнесе друго мислење и прифати да се здружи со останатите земји од ЕУ по прашањето за фонд за закрепнување од корона вирусот.
Фото: Pixabay