ЕУ спроведува истрага за затајување данок од Apple, Starbucks и Fiat

47

apple i starbucks

Европската комисија го зголеми притисокот врз Ирска, Холандија и Луксембург со цел да се утврди дали овие земји им овозможиле даночни олеснувања на Apple, Starbucks и Fiat.

ЕУ има за цел да утврди дали овие земји имаат “посебен третман за мултинационалните компании“ за да привлечат странски инвеститори и отворање нови работни места, што е нелојална државна помош. Корпоративното даночно затајување е на врвот на интернационалната политичка агенда во последните години, со цел да се утврди дали големите корпорации ја користат својата моќ за да одбегнат плаќање на своите обврски кон државата, пренесува Заман.

Владите на овие земји ветија дека ќе направат проверка на мерките, но експертите од Европската комисија ќе инсистираат на менување на спорните делови, кои ја поттикнуваат нелојалната конкуренција во Ирска, Луксембург и Холандија.

Веста што ја објави Хоаким Алмуни, потпретседател на Комисијата задолжен за пазарна конкуренција, веднаш се прошири низ глобалната економска заедница, бидејќи отворањето на овие три истраги би можело да значи почеток на најголемата офанзива на Брисел кон компаниите кои го прилагодуваат сметководството во различни земји со цел да добијат што е можно помала даночна основа.

“Селективните даночни олеснувања кои ги користат мултинационалните компании сериозно ја нарушуваат пазарната конкуренција на единствениот пазар во ЕУ. Кога јавните сметки се стеснуваат, а од граѓаните се бараат дополнителни напори, не може да биде прифатливо големите мултинационални компании да не го платат својот дел од данокот“, вели Алмуни.

Технолошкиот гигант Apple и глобалниот синџир на кафулиња Starbucks се познати како компании кои ја планираат својата даночна стратегија со јасна намера да го намалат даночното оптоварување. Во рамки на таквата стратегија, избираат земји за своја даночна резидентност, а тоа се земји како што се Ирска, Холандија или Луксембург кои им овозможуваат посебни даночно олеснувања.