
Министрите за финансии на Европската Унија се согласија да воведат царински давачки во текот на 2026 година за пакети со вредност помала од 150 евра, кои пристигнуваат во 27 земји-членки на унијата.
Ваквата одлука првенствено ќе ги погоди кинеските онлајн трговци на мало „Шеин“ и „Тема“, објави „Ројтерс“.
Првичниот план на Европската Унија беше да се отстрани ослободувањето од царински давачки за пакети со помала вредност дури во 2028 година.
Сепак, милијарди пакети, кои пристигнуваат во ЕУ главно од Кина, предизвикаа реакција од европските компании и влијаеја врз политичарите да дејствуваат што е можно побрзо и да ја донесат гореспоменатата одлука.
Минатата година, во ЕУ влегоа 4,6 милијарди вакви мали пакети, или повеќе од 145 во секунда, од кои 91 процент потекнуваат од Кина.
Европската Унија очекува тој број да се зголеми.











