Еуростандард банка ја воведе 24-часовната услуга дневно – ноќен трезор, преку којашто деловните клиенти ќе можат да ја депонираат својата готовина во банката во кое било време, во текот на целиот ден и ноќ, стои во соопштението.
Оваа нова услуга ќе им овозможи на деловните клиенти на банката практично решение за работа со дневните готовински средства, а со тоа и поефикасно искористување на работното време и навремена реализација на обврските од платниот промет.
Дневно – ноќниот трезор е таканаречен самопослужен уред – сеф во којшто деловните клиенти ќе можат да ги депонираат или уплатат средствата во домашна валута на сигурно место и кога ним најмногу им одговара. Особено е погоден за сите деловни клиенти кои секојдневно располагаат со готовински средства, а нивното работно време не соодветствува на работното време на банката.
Депонирањето на средствата во дневно – ноќниот трезор се врши преку внес на готовината во сигурносен сеф, преку надворешниот сигурносен отвор (каса), што се користи со помош на електронска картичка, којашто ќе ја добие секој корисник на услугата за негова идентификација. Депонираните средства ќе му бидат достапни на корисникот на дневно -ноќниот трезор на неговата трансакциска сметка, следниот работен ден.
За непречено и сигурно функционирање на дневно – ноќниот трезор, преземени се соодветни безбедносни и сигурносни мерки за заштита од страна на банката, а во прво време услугата дневно – ноќен трезор ќе биде достапна само во централата на банката.
Оваа услуга промотивно ќе биде бесплатна до крајот на 2017 година.
“Оваа услуга претставува особено важен чекор од аспект на флексибилноста на работењето на банката и нејзината ориентација кон потребите на клиентите и грижата за нивниот успех и поголема ефикасност во реализацијата на платниот промет и другите банкарски услуги“, изјавија од банката.