ФЕИТ домаќин на балканскиот натпревар по LabVIEW

46

labview

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ)од Скопје е домаќин на седмиот балкански натпревар по LabVIEW за студентите од областа на техничките науки. Натпреварот почнува денеска во просториите на ФЕИТ, а финалните победници ќе бидат познати утре (сабота), стои во соопштението.

На натпреварот учествуваат 23 натпреварувачи од Словенија, Хрватска, Србија и Македонија. Натпреварувачите се избрани како најуспешни студенти од LabVIEW академиите на земјите учеснички. Покрај натпреварувачите, секој тим е придружен со двајца професори (ментори) кои учествуваат во координативните активности за реализација на натпреварот и дефинирање на проектната задача.

ФЕИТ оваа година е домаќин на овој натпревар по одличните успеси на ова натпреварување и активностите во рамки на LabVIEW академијата при ФЕИТ. Во досегашното петгодишно учество, ФЕИТ освои две втори, трето и четврто место во поединечна конкуренција, како и две први места во екипна конкуренција.

LabVIEW (Laboratory Virtual Instrumentation Electronics Workbench) претставува графички програмски јазик, пред сé наменет за инженери. Оваа програмска платформа е широко прифатена во сите универзитети во светот и се користи за научно-истражувачки и за индустриски апликативни цели.

Универзитетите што сакаат да го имплементираат LabVIEW во своите наставни содржини мора да поминат низ фаза на сертифицирање на наставниот кадар и формирање на LabVIEW академија. Ваква академија на факултетот за електротехника и информациски технологии е формирана пред пет години кога наставниот кадар се здоби со светски признати CLAD (Certified LabVIEW Associated Developer) сертификати. Покрај тоа, во последните пет години, ФЕИТ успеа преку LabVIEW академијата да сертифицира и приближно 40 студенти.

Натпреварот се одржува под покровителство на National Instruments.