ФЕИТ ги претстави новите студиски програми

98

dekanot-na-feit-so-idni-brucosi

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) ги претстави новите студиски програми пред идните бруцоши на денешниот Отворен ден при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Студиските програми на средношколците им ги објаснуваа професорите и асистентите на Факултетот.

“ФЕИТ е една од најреномираните високообразовна институции во земјата на која се запишуваат најдобрите средношколци во Македонија. Ги информираме средношколците за тоа на кои студиски програми може да студираат на нашиот факултет и за новините што ги воведовме со последната акредитација на студиските програми. Тие се усогласени и компатибилни со светските трендови во образованието и на студентите им овозможуваат да најдат работа веднаш по завршувањето, секаде во светот“, вели професор д-р Димитар Ташковски, декан на ФЕИТ.

Неговиот колега, професор Славче Пејоски, прв човек на Центарот за нови студенти, вели дека ова е само еден од начините за информирање на потенцијалните студенти на ФЕИТ. Тој најавува низа активности во наредниот период, како и одржување на Отворен ден на Факултетот на 22 април 2017 година, каде може да се добијат уште подетални информации за новите студиски програми и за условите за студирање.

Оваа година, на ФЕИТ се очекува да се запишат околу 650 студенти во учебната 2017/2018 година, од кои 440 бруцоши во државна квота, односно 210 со ко -финансирање. На идните студенти ФЕИТ им нуди седум студиски програми: Електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија (ЕАОИЕ), Електроенергетски системи (ЕЕС), Електроенергетика, управување и менаџмент (ЕЕУМ), Компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика (КСИАР), Компјутерски технологии и инженерство (КТИ), Компјутерско хардверско инженерство и електроника (КХИЕ) и Телекомуникации и информациско инженерство (ТКИИ).

Во досегашното 58-годишно функционирање, на Факултетот дипломирале повеќе од 10.000, речиси 1.000 магистри и повеќе од 130 доктори на науки.