Fiat ја освежи целосната постава на моделот Tipo и притоа ја претстави целосно новата Cross варијанта која е всушност кросовер верзија на моделот.
Fiat Tipo мина низ обемна рестилизација и освежување кое донесе низа новини кај моделот од C сегментот. По рестилизацијата Tipo и понатаму останува достапен како хечбек, караван и лимузина, со тоа што додаток е и варијантата Cross. Целта на италијанскиот производител е да го продолжи животниот век на Tipo пред спојувањето со PSA и воведе низа измени во својот модел.
Почнувајќи со екстериерот, освежениот Tipo пристигнува со ревидирана предна решетка која сега се одликува со карактеристичен „Fiat“ натпис. Решетката е опколена со нови LED предни светла кои ја зголемуваат прегледноста. Дополнителните промени се лимитирани, но моделот добива и ревидиран преден браник, како и дополнителен хромиран трим. Освен тоа, на задниот дел се и новите LED задни светла, како и рестилизираните тркала од 16 и 17 инчи.
Освежувањата и промените продолжуваат и во внатрешноста. Рестилизираниот Tipo се карактеризира со 7-инчен дигитален инструмент кластер и 10,25-инчен Uconnect 5 инфозабавен систем. Возачот исто така пред себе ќе најде и унапреден управувач.
Најголемата новина е Tipo Cross кој е базиран на хечбек моделот. Дизајниран особено да ги привлече љубителите на кросоверите, моделот пристигнува со груб и остар изглед со пластични прекривки на каросеријата, сребрени прагови и поголеми тркала. Автомобилот исто така е опремен и со ревидиран систем на потпирање кој го подигнува возилото за околу 4 сантиметри.
Под хаубата се наоѓа новиот 1,0-литарски трицилиндричен бензински мотор кој испорачува 100 КС и 190 Nm максимален вртежен момент. Ова е значителен напредок во однос на досегашниот 1,4-литарски мотор кој испорачува 95 КС и 127 Nm вртежен момент. И покрај подобрените перформанси, од Fiat велат дека новиот 1,0-литарски мотор носи сериозно помала потрошувачка и емисија на CO2.
Кога станува збор за дизелските мотори, тука е унапредениот 1,6-литарски Multijet мотор кој сега произведува 130 КС, што е подобрување за 10 КС. Купувачите исто така можат да се одлучат и за верзијата со 95 КС.
Fiat ги истакнува и големиот број на системи за активна безбедност, а Tipo може да биде опремен и со задни и предни паркинг сензори, може да располага и со keyless entry систем. Како опција е достапен и бежичен полнач за паметни телефони во кабината.
Преземено од Avtoplus.mk