Министерот за економија Беким Незири денеска одржа прес конференција по повод објавениот јавен повик за избор на најдобар бизнис план, под мотото Биди перспективен започни свој бизнис, во рамки на проектот Натпревар за бизнис план, кој се спроведува во две фази и тоа избор на најдобра бизнис идеја и втората избор на најдобар бизнис план.
“Согласно Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво, Министерството за економија го објави јавниот повик преку кој бара најдобар бизнис план, а со тоа и можност за отпочнување сопствен бизнис. Преку мотото Биди перспективен, започни свој бизнис, да аплицираат на јавниот повик, кој трае до 15 септември 2014 година, при што секој учесник на натпреварот има право да аплицира само со еден бизнис план, додека со еден бизнис план може да учествуваат најмногу четири лица“, рече Незири.
По објавениот јавен повик за аплицирање со бизнис идеи на први февруари 2014 година, пристигнале вкупно 59 апликации со бизнис идеи. По извршената евалуација на пристигнатите бизнис идеи, а врз основа на критериумите дефинирани во јавниот повик, направена е селекција на 40 бизнис идеи, по што апликантите на избраните бизнис идеи, поминаа низ обука составена од 13 модули, со цел да бидат адекватно оспособени за преточување на нивните идеи во бизнис план.
“Длабоко сум уверен дека идните претприемачи не треба само да се охрабруваат, туку и да се наградуваат“, истакна Незири, кој додаде дека во рамките на проектот Министерството за економија предвиде доделување на парични награди-ваучери за најдобрте пет бизнис планови, наместо досегашните три, и тоа: прво место 330.000 денари, второ место 230.000 денари, трето 130.000 денари, четврто 100.000 и петто 60.000 денари.
Наградените бизнис планови согласно јавниот повик треба да формираат претпријатие на чие што име и сметка ќе бидат префрлени средствата. Претпријатието треба да се основа по завршувањето на натпреварот, при што носителите на бизнис планот воедно мора да бидат основачи и сопственици на претпријатието.
Малите и средни претпријатија претставуваат доминантен тип на претпријатија во економијата на Република Македонија, со што се потврдуваат за важни учесници во економијата како целина и важни креатори на општествениот производ. Имаат важна улога во генерирањето на економски раст и креирањето на нови работни места. Основање на малите фирми зависи од претприемачите т.е индивидуалците кои имаат идеја и кои се подготвени да ја превземат ризик за да ја реализираат истата.