Комитетот за одобрување на инвестиции на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) заврши со евалуацијата на 366 проектни апликации доставени во рамки на јавниот повик за комерцијализација на иновации, што го финансираат Владата и Светска Банка.
Комитетот првично одлучи дека 30 проектни апликации се подготвени за одобрување на ко-финансирање со кои се исцрпува 99% од предвидениот буџет на повикот односно 4.949.800 милиони евра. Овие компании предвидуваат примарни инвестиции во вкупен износ од над седум милиони евра, од кои 2.322.907 милиони се сопствено учество на апликантите. 90% од овие компании се нови корисници, додека 10% се компани кои биле одбиени на претходни повици на ФИТР, а сега повторно аплицирале со подобрени проекти.
Имајќи го предвид големиот интерес на компаниите за финансирање, квалитетот на доставените инвестициски планови, како и првичните резултати од процесот на евалуација, Фондот достави до Владата на Република Северна Македонија иницијатива за проширување на буџетот за финансирање за програмата за комерцијализација на иновации. Со оваа иницијатива, се очекува бројот на компании што би добиле поддршка за реализација на предвидените инвестиции во рамки на овој повик најмалку двојно да се зголеми.
За 137 од оценуваните компании Комитетот за одобрување на инвестиции констатира дека предложените предлог проекти соодветствуваат со целите и условите на програмите на Фондот наменети за технолошки развој (набавка на нова, современа опрема) и истите можат да бидат разгледани за ко-финансирање во рамки на тие инструменти на ФИТР. Согласно ова, Фондот иницираше измени во годишната програма за работа, со проширување на износот за финансирање на повиците за технолошки развој од иницијалните два на 5,5 милиони евра.
Дополнително, со цел олеснување на пристапот до финансирање за оваа група компании, Фондот веќе работи на промени на процедурите и воведување т.н. fast track процедура за аплицирање. Со оваа процедура, сите компании што во рамки на овој или предходните повици стигнале до фаза на финална селекција да имаат право да аплицираат на наредниот повик со ист или подобрен проект и да влезат директно во фаза на финална селекција.
За останатите проектни апликации, Комитетот за одобрување на инвестиции изготви соодветни коментари и препораки кои ќе им бидат доставени на секој апликант поединечно. И оваа група компании е предвидено да има пристап до новата процедура за аплицирање со следниот повик на Фондот.
ФИТР во наредниот период ќе спроведе и истражување на ставовите и мислењето на апликантите во однос на програмата, процедурите за реализација на јавните повици, квалитетот на услугите на Фондот и надворешните соработници во процесот, со цел натамошно унапредување на процесот и натамошно зголемување на бројот на успешни апликанти.
Јавниот повик за комерцијализација на иновации заврши на 15 мај 2019 година. Аплицираа 487 компани кои побаруваа 70 милиони евра. Во фазата на финална евалуација влегоа 366 апликации, што го поминаа процесот на административна проверка и претселекција спроведен од 97 домашни стручни лица. Конечната одлука ја носи Комитетот за одлучување на инвестиции кој го сочинуваат пет странски експерти, именувани од Владата по пат на меѓународен конкурс. Оценувањето на проектите се врши врз основа на пет критериуми: степен на иновативност, квалитет на апликација, капацитет на проектен тим, проценка на пазар и влијание.
Фото: Pexels