Foxconn отвора фабрика за AirPods во Индија

52

Тајванската компанија Foxconn доби нарачка да направи AirPods за Apple. Foxconn планира да изгради фабрика во Индија за производство на безжични слушалки, во која ќе инвестира повеќе од 200 милиони долари.

До оваа информација дојде агенцијата Ројтерс, која се повикува на два извора со директни информации за неа. Foxconn, како најголем светски производител со договори за електроника, составува 70 отсто од сите iPhone-и и за прв пат ќе стане снабдувач на Apple за AirPods.

Apple се обидува да го диверзифицира производството надвор од Кина. AirPods во моментов се произведуваат од неколку кинески добавувачи. Фабриката која планира да ја изгради Foxconn ќе се наоѓа во јужната индиска држава Телангана. Изворите велат дека директорите на Foxconn со месеци размислувале дали да ја прифатат понудата поради релативно ниските маржи кои се вклучени во производството на AirPods.

Започнувањето на производство во Индија беше побарано од Apple. Foxconn се натпреварува со тајванските ривали како Wistron и Pegatron за да добие повеќе нарачки од американската компанија, која е највредната во светот. Почетокот на изградбата на фабриката во Индија е планиран за втората половина на тековната година, додека производството би можело да започне во текот на 2024 година.