Генералниот секретар на Светската туристичка организација во официјална посета на Македонија

35

Талеб Рифаи, генералниот секретар на Светската туристичка организација престојува во официјална посета на Република Македонија.

На покана на министерот за надворешни работи Никола Попоски, Рифаи е во Македонија од 27 до 30 јули. Предвидено е Рифаи да се сретне со премиерот Никола Груевски и да му предаде отворено писмо од кампањата на Светската туристичка организација Глобални лидери во туризмот, со кое се повикуваат шефовите на држави и влади да ги промовираат вредностите на туризмот при неговото унапредување и развој.

Генералниот секретар Рифаи ќе оствари повеќе средби со претставници од надлежните институции во областа на туризмот. На Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје денеска попладне ќе одржи предавање за современите трендови во развојот на светскиот туризам.

Со Стопанската комора за туризам на Македонија ќе бидат потпишани и Заложбите на приватниот сектор кон Глобалниот код за етика во туризмот на Светската туристичка организација.

Рифаи вчера го посети Охрид и се сретна со заменик – градоначалникот на оваа општина, Ангел Јанев.