Германија ќе потроши 130 милијарди евра за помош на економијата

78

Германската канцеларка Ангела Меркел најави план за обнова од 130 милијарди евра за периодот 2020-2021 година, чија цел е да ја поттикне економијата, која е тешко погодена од пандемијата на новиот коронавирус.

По дводневни разговори, Меркел истакна дека пакетот мерки претставува смел одговор, кој ќе ги поттикне потрошувачката и инвестициите, и ќе го намали притисокот врз семејствата и останатите.

Милијарди евра ќе бидат потрошени за да им се помогне на индустриите кои се нашле во проблеми, дополнително ќе бидат финансирани оние области во кои невработеноста се зголеми, а еднократниот бонус вреден 300 евра по дете ќе биде платен со другите поволности кои се однесуваат на децата.

Значително зголемени ќе бидат субвенциите за набавка на автомобили, но само оние со електричен погон. Од оваа мерка се изоставени автомобилите кои користат фосилни горива.

Договорено е и дека ДДВ-то да биде намалено од 19 на 16 проценти, а пониската стапка од седум на пет проценти, објави агенцијата dpa, повикувајќи се на документот за одлука.

Вкупниот износ на финансискиот пакет во голема мерка ги надмина очекувањата на јавноста. Досегашните анализи говореа за тоа дека се разгледувал пакет во вкупна вредност од 80 милијарди евра.

Фото: Pixabay