
Глобалната продажба на електрични и плаг-ин хибридни возила се зголеми за 29% во април во споредба со истиот месец минатата година, според податоците од групата за истражување на пазарот на електрични возила „Ро Моушн“. Вкупниот број на продадени електрични возила во април изнесуваше 1,5 милиони, што е намалување од 12% во споредба со март 2025 година, пренесува Euronews.
Во периодот од јануари до април, глобално се продадени 5,6 милиони електрични возила, што претставува раст од 29% на годишно ниво.
„Додека преговорите за царините се во центарот на вниманието на индустријата, домашните производители во Кина и ЕУ тивко продолжуваат да остваруваат добри резултати и да го зголемуваат својот пазарен удел“, рече Чарлс Лестер, менаџер за податоци во „Ро Моушн“.
Тој додаде дека Европската Унија дефинитивно е успешна приказна досега кога станува збор за продажба на електрични возила во 2025 година, „бидејќи целите за емисии ја принудија индустријата да направи побрз премин кон електрификација“.
Во периодот јануари-април, продажбата на електрични возила во Европа се зголеми за 25% во споредба со истиот период минатата година, во Кина за 35%, во Северна Америка за 5%, додека во остатокот од светот растот изнесуваше дури 37%.
Само во април, растот во Европа изнесуваше 35%, во Кина 32%, додека во Северна Америка продажбата се намали за 5,6%. Во остатокот од светот, продажбата се зголеми за 51%.
Политиката ги одредува лидерите на пазарот
„Усвојувањето на електрични возила се забрзува, но лидерите и губитниците нема да бидат одредени од технологијата, туку од политиката“, изјави за „Еуроњуз“ професорот Кристијан Бренд, заслужен професор по транспорт, енергетика и климатски промени на Оксфорд.
Како што истакнува тој, додека Кина и Европа се движат напред, САД се ограничени од политичката неизвесност и можните царини објавени од администрацијата на претседателот Доналд Трамп, што може да ја поткопа довербата на инвеститорите и да го забави растот на пазарот.
За време на мандатот на претходниот претседател Бајден, беа воведени бројни даночни олеснувања за проекти за чиста енергија, така што Американците сè уште можат да добијат бенефиции до 7.500 долари (околу 6.679 евра) за купување квалификувани модели на електрични возила.
Сепак, овие зелени стимулации наскоро би можеле постепено да бидат укинати, бидејќи републиканците предлагаат закон со кој ќе се укинат стимулациите до крајот на 2026 година. Дополнително, во 2026 година, само компаниите што ќе продадат помалку од 200.000 електрични возила до крајот на 2025 година би имале право на олеснување. Според нацрт-законот, можно е да се укинат и стимулациите за комерцијални и половни електрични возила.
Кинеската влада, од друга страна, се обидува да ја зголеми продажбата на електрични возила за да ја поддржи економијата погодена од криза со недвижности, геополитички тензии и слаба доверба на потрошувачите. Купувачите кои ќе го заменат своето старо возило со ново електрично или хибридно возило ќе добијат субвенција од 20.000 јуани (околу 2.471 евра).