Во Охрид денеска и утре ќе биде одржана 23-та Годишна конференција на Македонска берза.
Како што најавија од Македонска берза, на Годишната конференција ќе учествуваат претставици на финансискиот сектор, вклучувајќи банки, инвестициски и пензиски фондови, брокерски друштва, како и регулатори, академици, претставници на медиумите итн.
Ќе има и учесници од странство, особено од пазарите на капитал во регионот на Југоисточна Европа.
Воведни обраќања на конференцијата ќе имаат министерката за финансии Гордана Димитриeска Кочоска, претседателката на Комисијата за хартии од вредност Нора Алити и главниот и извршен директор на Македонска берза Иван Штериев.
Годинашната програма на конференцијата вклучува повеќе теми, како улогата на домашните институционални инвеститори, регионалните случувања на пазарите на капитал во Југоисточна Европа, идните трендови на глобалните пазари, законската рамка за македонскиот пазар на капитал, стратегиите за семејно наследство, компаниите и берзата, како и иницијативи за поддршка на родовата еднаквост.