Фото: Pixabay
Google од минатиот месец ја започна новата верзија на Chrome, верзијата 66, со која “досадните” автоматски видеа ќе бидат блокирани, пишува The Verge.
Ваквите промени ќе одат постепено, така што Google ќе прибира информации за навиките на корисниците и врз основа на нив, ќе знае за кои сајтови ќе треба да се блокираат автоматските видеа. Идејата на новите ажурирања на Chrome е да се спречи силен аудио звук при посета на нов сајт. Сепак, ако некогаш корисникот кликнал за репродукција на звукот од видеото на еден сајт, при следната посета Google ќе ја помни таа активност.
You Tube, пак, автоматски продолжува да репродуцира звук, ако претходно корисникот имал било каква интеракција со страната.
Доколку немате историја на пребарувања, односно за прв пат го користите Chrome, тогаш прелистувачот автоматски ќе прикажува видеа од популарни сајтови каде што обично луѓето користат звук.
Овие промени на Google следат откако верзијата Chrome 64 овозможи исклучување на цела страница, наместо привременото “mute tab” копче. Освен актуелниве ажурирања Google тестира и нови надградби, наменети специјално за корисниците на Windows 10. Но, кога и во каква форма ќе пристигнат останува да видиме.