Фото: Pixabay
Алијансата за уништување на пластичниот отпад (AEPW), каде што се вклучени 28 компании од светот, одвојува 1,5 милијарди долари за борба против овој глобален проблем, пишува Reuters.
Дел од алијансата се Exxon Mobil, Dow DuPont, Procter & Gamble, Royal Dutch Shell и BASF. Повеќето од членовите се компании коишто и самите произведуват пластика, но има и две што произведуваат стоки за широка потрошувачка како Procter & Gamble и Henkel.
Инвестицијата ќе биде наменета за градење на инфраструктура којашто ќе го собира отпадот во Азија и Африка, креирање на системи за управување со отпад близу реки низ коишто се врши самиот транспорт, едукација на надлежните. Ќе бидат вложени пари и во чистење на загадените средини, како и во стартапи коишто развиваат технологии за превенирање на пластичниот отпад.
Според Алијансата, 90% од пластичниот отпад во океаните доаѓа од 10 реки. Повеќе од половина од отпадот на копно, којшто завршува во океаните, потекнува од пет азиски земји Кина, Индонезија, Филипини, Тајланд и Виетнам.
Kraft Heinz, Nestle и Unilever, исто така, самостојно се обврзаа дека ќе користат еколошки, биоразградливи материјали за пакување на своите производи до 2025 година.