Триглав во првата половина од 2020 година на македонскиот пазар работеше стабилно и беше достапен за клиентите во вонредните услови на пандемија.
Групацијата Триглав во првата половина од годината и покрај тешките услови поради пандемијата, работеше профитабилно и сигурно. Достигна премиски раст на повеќето свои пазари, во сите три сегменти на осигурувањето и оствари 7 проценти повисока консолидирана бруто полисирана премија (673,4 милиони евра) споредено со истиот период минатата година. Добивката пред оданочување во износ од 40,6 милиони евра беше за 3 проценти пониска во однос на минатото полугодие, пред сè како последица од нарушување на состојбата на глобалните финансиски пазари, но делумно и поради масовните штетни и други специфични настани. Комбинираниот коефициент изнесуваше поволни 92,4 проценти. Идните економски и финансиски ефекти од пандемијата остануваат несигурни.
На полугодието Групацијата Триглав проценува дека нејзиното осигурително и инвестициско портфолио е доволно отпорно, а позицијата на капиталот соодветна за да може успешно да се соочи со зголемените ризици, коишто произлегуваат од актуелните услови. Триглав во вонредните услови на пандемија на македонскиот пазар на осигурување работеше стабилно, додека активностите на своите компании ги фокусираше кон обезбедување на услуги за клиентите од далечина, со цел да излезе во пресрет на сите нивни потреби на безбеден начин.
Деловен резултат во првото полугодие
Групацијата Триглав во првата половина од годината оствари 40,6 милиони евра консолидирана добивка пред оданочување, што е за 3 проценти помалку во споредба со истиот период минатата година.
– И во овие тешки услови, заедно со нашата екипа од 5200 соработници, фокусирани сме на спроведување на нашите стратешки насоки и водиме грижа нашето работење да остане профитабилно и сигурно. Во првата половина од годината премискиот дел од работењето беше позитивен, а на висината на добивка неповолно влијание имаше влошената состојба на глобалните финансиски пазари, но делумно влијание имаа и масовните штетни и други специфични настани. Пандемијата од корен го смени начинот на нашето досегашно работење, на што ефикасно се прилагодивме. На прво место беа грижата за здравјето на клиентите, вработените и другите
засегнати страни. На клиентите континуирано им го олеснувавме користењето на нашите услуги и останавме верни на нашата одржлива ориентација и солидарна поврзаност со опкружувањето. Вонредните услови поттикнаа и донесоа дополнителен стимул во планираните развојно стратешки активности. Цениме дека направивме видлив чекор кон дигитална трансформација на Групацијата – изјави г. Андреј Слапар, претседателот на Управата на Заваровалница Триглав.
Делот од добивката пред оданочување на Групацијата Триглав, којшто потекнува од осигурително-техничкиот дел на работењето изнесуваше 34,6 милиони евра (индекс 103), додека делот од финансиските вложувања изнесуваше 5,3 милиони евра (индекс 83). Во сегментот на неживотни осигурувања остварен е 85 – процентен удел од вкупната добивка (минатата година 89 – процентен удел). На него, покрај добрите резултати во премискиот дел влијаеа и пониските приноси од финансиските вложувања и формирањето на дополнителни резервации. Резултатот од здравствените осигурувања се подобри поради премискиот дел и намалените оперативни трошоци, додека вкупниот резултат од осигурувањата на живот и пензиските осигурувања беше намален, пред сè поради формирање на резервации врз основ на тестот на нивната адекватност во сегментот на пензиските осигурувања.
Премија и комбиниран коефициент
Групацијата пресмета 7 проценти повисока консолидирана бруто полисирана премија споредено со минатата година (673,4 милиони евра). Просечниот премиски раст на словенечкиот пазар на осигурување беше 4 проценти, додека на пазарите вон Словенија 8 проценти. Групацијата продолжи со органски раст на премија од осигурување на пазарите вон Словенија и нивниот удел во вкупната премија достигна 18,3 проценти. Премијата се зголеми во сите три сегменти на осигурување, и тоа за 17 проценти кај здравствените осигурувања, за 6 проценти кај неживотните осигурувања и за 3 проценти кај животните и пензиските осигурувања. Комбинираниот коефициент на Групацијата во првото полугодие изнесуваше поволни 92,4 проценти.
Инвестициско портфолио и средства на клиенти под управување
Споредено со истиот период минатата година, ситуацијата на финансиските пазари резултираше со понизок поврат на групациското обемно инвестициско портфолио вредно 3,3 милијарди евра. Неговата вредност во првиот квартал од оваа година се намали за 5 проценти, додека на крајот од полугодието се врати на ниво од крајот на минатата година. Во составот на портфолиото со 73,6-процентен удел доминираат обврзниците, кои претежно се инвестираат во еврозоната и се со висок квалитет.
Тешките услови на финансиските пазари влијаеа и на управувањето со средствата на клиентите во взаемните фондови и со индивидуално управување. На крајот од првото полугодие, споредено со крајот на минатата година, средствата на управување во взаемните фондови на Групацијата се намалија за 4 проценти и изнесуваа 979,4 милиони евра. Средствата од индивидуалното управување со имот останаа речиси на исто ниво како на крајот од 2019-та година и изнесуваа 82,5 милиони евра. Групацијата Триглав во Словенија го зазема водечкото место меѓу друштвата за управување во сегментот на взаемни фондови, а нејзиниот пазарен удел оваа година се зголеми за 0,2 процентни поени, на 34,1 проценти.
Трошковна ефикасност
Вкупните консолидирани бруто оперативни трошоци на Групацијата Триглав беа за 1 процент повисоки во споредба со претходната година и достигнаа 148,4 милиони евра. Трошоците поврзани со осигурителната дејност изнесуваа 133,5 милиони евра и останаа на ниво од минатата година. Нивниот удел во пресметаната бруто полисирана премија се намали 1,3 процентни поени, на 19,8 проценти.
– Ширењето на коронавирусот со појавата на пандемија донесе и влошување во макроекономското опкружување и исклучителна нестабилност на глобалните финансиски пазари. Високиот степен на несигурност оваа година ни оневозможува релативно сигурна проценка за остварување на годишната добивка пред оданочување, која е планирана од 95 до 105 милиони евра. Повторно ги проучивме основите и претпоставките на планот за 2020 година и остануваме на проценката од месец април за веројатно намалување од 10 до 25 проценти од планираното. Кога станува збор за премијата и комбинираниот коефициент, проценуваме дека ќе ги достигнеме планираните вредности (околу 1,2 милијарди евра и под 95 проценти). Ситуацијата внимателно ја следиме и цениме дека осигурителното и инвестициско портфолио на Групацијата Триглав се доволно отпорни и дека позицијата на капиталот е соодветна, за да можеме успешно да се справиме со зголемените ризици што ги предизвикуваат условите поради пандемијата во деловното опкружување – изјави г. Андреј Слапар, претседателот на Управата на Заваровалнца Триглав
Групацијата Триглав на македонскиот пазар
Компаниите на групацијата Триглав на македонскиот пазар на осигурување во првата половина од 2020 година работеа стабилно, фокусирајќи ги своите активности кон обезбедување на услуги од далечина.
Триглав Осигурување во дадениот период оствари бруто полисирана премија во износ од 11,5 милиони евра, што е во рамките на бруто полисираната премија во истиот период од минатата година. Во согласност со стратегијата, компанијата на пазарот ја воведе новата услуга за онлајн плаќање на сметки, како дел од проектот за дигитализација на услугите коишто ги нуди. Триглав ја зачува лидерската позиција на пазарот на неживотно осигурување во земјата.
Триглав Осигурување Живот првата половина од 2020 година ја заврши со повисока бруто полисирана премија (индекс 146) во споредба со истиот период минатата година, додека пак Триглав пензиско друштво достигна 81% од планираните средства во Триглав отворен задолжителен пензиски фонд.
– Првата половина од 2020 година беше непредвидлива, неизвесна и полна со предизвици за сите нас. Пандемијата на коронавирусот влијаеше на целокупниот деловен и социјален живот на земјата, па сите моравме да најдеме начин на работа, којшто ќе обезбеди континуитет и непречено работење, а притоа ќе бидат заштитени и вработените и клиентите.
Триглав ефикасно ги насочи активностите на своите компании кон обезбедување на непречени услуги на своите клиенти во сите домени на осигурувањето. Новата ситуација поттикна и размислување вон рамките и плановите. Дониравме поголема количина на заштитни одела на инфективната клиника, со цел да помогнеме во борбата со пандемијата, а истите причини нѐ мотивираа да ја воведеме и мобилната наградна игра карантWin, којашто имаше за цел да ги мотивира и награди луѓето кои ги следеа препораките на надлежните институции за социјалната дистанца.
Во доменот на осигурувањето на живот во ова полугодие влеговме на пазарот на банкоосигурување, а започнавме и со издавање на unit linked полиси. Триглав пензиско друштво, првата половина од годината го фокусираше своето работење кон јакнење на инфраструктурата и процесите во рамките на комуникацијата со своите членови. Фокусот на ова друштво во специфичниот период кој следи ќе биде насочен кон обезбедување на што подобри инвестициски резултати во отворениот задолжителен фонд со којшто управува.
Нашиот фокус и натаму останува на достапноста на услугите на клиентите, кои се наш приоритет – изјави Главниот извршен директор на Триглав Осигурување, Ѓорѓе Војновиќ.