„Гугл“ лансира чет-бот со вештачка интелигенција наречен Бард со цел да му парира на ChatGPT, јавува Би-би-си.
Бард за почеток ќе го користат група тестери пред да биде претставен во јавноста во текот на наредните недели, соопшти компанијата.
Чет-ботот е изграден на постоечкиот јазичен модел на „Гугл“ наречен Ламда, кој еден инженер кој работел на него минатата година го опиша како „чувствителен“.
Технолошкиот гигант најави и нови алатки за вештачка интелигенција за својот сегашен пребарувач.
„Бард се обидува да го комбинира светското знаење со моќта, интелигенцијата и креативноста на нашите големи јазични модели“, напиша во блог шефот на „Гугл“, Сундар Пичаи.
Пичаи најави дека услугите за вештачка интелигенција на „Гугл“ ќе бидат „храбри и одговорни“, но не објасни како Бард ќе биде спречен да споделува штетна или навредлива содржина.
Најавата на Бард на „Гугл“ следи по широките шпекулации дека „Мајкрософт“ ќе го внесе ChatGPT во својот пребарувач наречен Бинг, откако компанијата инвестираше повеќе милијарди долари во „ОпенАИ“, компанијата што стои позади ChatGPT.
Чет-ботовите со вештачка интелигенција се дизајнирани да одговараат на прашања на корисниците и да наоѓаат информации. Тие користат огромна база на податоци од она што е објавено на Интернет, а постои загриженост дека податоците можат да вклучат и навредливи материјали и дезинформации.
Експертите велат дека крајната цел на чет-ботовите лежи во пребарувањето на Интернет и замена на сите линкови со еден конечен одговор.