Хабитат Македонија и учениците од НОВА во акција за подобрување на јавните простори

56

Izlozhba i debata vo organizacija na Habitat Makedonija i NOVA 1

Во гимназијата НОВА денеска во 10:45 часот беше отворена изложбата на тема “Јавни простори за сите“. Фотографиите се направени од ученици од гимназијата НОВА. Тие фотографираа јавни површини и простори во неколку градови во Македонија, имајќи цел да се истакне значењето на јавните површини во секојдневното живеење. Овие фотографии се воедно и повик до заедницата да се сврти кон унапредување на условите на ваквите површини со цел да допринесат за поквалитетно живеење на целото соседство.

По изложбата следуваше и дебата на тема во организација на дебатниот клуб што функционира во рамките на училиштето НОВА.

“Јавните простори се места каде што луѓето се здружуваат и сплотуваат како граѓани и како соседи. Пораката на Хабитат ширум светот е иста – без разлика на тоа колку меѓусебно се разликуваме, на сите ни е потребно едноставно, пристојно и достапно засолниште. Во тој контекст ја гледам и потребата од достапни јавни простори, кои би ги сплотиле заедниците и би допринеле за поквалитетно домување на секој граѓанин кој е дел од таа заедница“, изјави Лилјана Алчева, заменик директор на Хабитат Македонија.

“Нашата успешна соработка со Хабитат Македонија трае веќе неколку години преку програмата за Помош на заедницата во која се вклучени сите наши средношколци. Со гордост може да истакнеме дека секоја година имаме тим од наставници и ученици кои активно учествуваат во изградбата на домовите во Велес. Денешниот настан е само уште еден начин за продлабочување на нашата заедничка заложба да помогнеме на заедницата преку волонтирање и личен пример”, додаде Катерина Златановска Попова, ПР на НОВА.

Светскиот ден на домувањето (World Habitat Day) е еден ден од годината кој нѐ потсетува заеднички да се залагаме за свет во кој секој човек ќе има услови за достојно домување, а поседувањето на пристоен дом ќе биде препознаено како едно од основните човекови права. Организацијата на Обединетите нации, со резолуција на Генералното собрание започна да го одбележува Светскиот ден на домувањето во 1985 година. Оттогаш, секој прв понеделник во месецот октомври е ден кога се одбележува значењето на живеалиштето, како основа за развој и просперитет. Оваа година темата на светскиот ден на домувањето се јавните површини во нашите соседства.

Здружението за хумано домување Хабитат Македонија е дел од мрежата на Хабитат чија мисија е целосно укинување на сиромашното домување и која редовно го одбележува овој ден во светски рамки. Хабитат Македонија и Меѓународното училиште НОВА соработуваат повеќе години, а во таа соработка ги здружува заедничката определба за инволвирање во заедницата.