Холандски туристи и во следните три години ќе летуваат во Македонија

29

Туристи од земјите на Бенелукс и во следните три години ќе бидат гости на Охридско – струшката ривиера, благодарение на продолжувањето на договорот на холандскиот тур – оператор Корендон интернационал за закуп на аранжмани за сезоните 2015, 2016 и 2017 година, јавува Миа.

Како што појасни Асим Меџедовиќ, менаџер на Фибула Ер Травел, македонскиот партнер на Корендон, вредноста на потпишаните договори изнесува неколку милиони евра, со тоа што се закупени аранжмани во повеќе од десет хотели на Охридско – струшката ривиера.

“Новина во закупот на аранжмани за следните години е што на понудата хотелите ќе имаат и all inclusive, како и други дополнителни услуги и содржини за гостите, што се очекува да резултира со зголемување на вкупниот број туристи од државите на Бенелукс“, истакна Меџедовиќ.

Претседателот на Здружението на хотелиерите на Македонија (ХОТАМ), Дончо Танески, оцени дека потпишување на тригодишните договори за хотелиерите значи одредена сигурност во натамошното работење, во планирањето и сигурноста за инвестициите предвидени за наредните три години.

“Изминатите три години договорите со Корендон помогнаа во реконструкција и реновирање на постоечките хотелски бази, во подобрување на квалитетот, зависно обемот на средствата и барањата на гостите… Се надевам дека и оние кои не успеале изминатите три години нешто да инвестираат, дека и тие во наредниот период ќе можат нешто да подобрат во своите услуги, се со цел за отварање на нов пазар, со што би биле вклучени и оние хотели што немаат склучено договори за закуп за гости од Бенелукс“, нагласи Танески.

За новината во понудата на хотелите со all inclusive услугите, каква што од оваа година воведе хотелот Гранит, Танески оцени дека таа претставува збогатување на понудата, како што истакна, во оној дел во кој хотелиерите треба да дојдат до израз, преку подобрување на квалитетот на сместувањето, во понудата во делот на забавата за гостите во самите хотели, се до all inclusive понудата, на која се навикнати туристите од западните земји.