
Во подготовка сме за градење на брза пруга од Скопје до Солун, на вчерашната седница на Владата усвоена е одлука за урбанистичко решение на локалитетот Стоби, се отвараат нови винарии во Тиквешијата. Целта ни е да ја олесниме и изградбата на нови хотели и да ги задржиме туристите кои транзитираат низ Коридорот 10 или официјално Е-75, порача денеска вицепремиерот и министер за траснпорт и врски Александар Николоски на панел-дискусијата во рамките на конференцијата „Е 75 –Основа за развој на креативен туризам и негова одржливост“.
На панел-дискусијата се обрати и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков кој истакна дека Е-75 ги поврзува северот со југот, градовите со малите заедници, луѓето со нивните соништа. Но, како што рече, прашањето е дали навистина го гледаме потенцијалот што се крие по овој автопат.
– Јас сум убеден дека секој километар од овој пат носи во себе можност за нова соработка, ново партнерство и нов развој. Секое мало место, секој локален занает, секој ресторан или кафуле што со гордост ја раскажува својата приказна се дел од една поголема слика, туристичка приказна што може да ја раскажеме надвор од границите на нашата земја. Тоа е нашата автентичност, нашата сила и нашата шанса. Замислете турист кој застанува во едно од тие места, пробува локален специјалитет или дегустира некоја автохтона сорта вино, разговара со занаетчијата и продолжува понатаму во добро расположение. Тоа е вистинската моќ на Е-75 – да ги поврзе луѓето и да отвори нови можности – рече Љутков.
Министерот за култура и туризам посочи дека за да го претвориме овој потенцијал во успешна приказна, потребно е да се размислува пошироко, односно како да се интегрираме туристичката понуда по должината на автопатот или како да се создаде синергија меѓу транспортот и туризмот.











