Лана Згомбиќ од Хрватска има 27 години, а за само шест години успеа да се пробие во индустријата на видео игри на светско ниво како врвен продуцент. Живее и работи во Лондон, а уште од основно училиште ја засакала оваа работа.
“На крајот на средното училиште почнав да истражувам кој факултет ќе ми понуди соодветно образование и пронајдов неколку во Велика Британија, Данска и Холандија. Изборот падна на Универзитетот Тисајд во северниот дел на Велика Британија. На факултет доживеав и мала егзистенцијална криза бидејќи во еден момент се најдов во друштво на врсници кои беа неверојатно креативни и знаеја што точно сакаат, додека јас допрва го истражував својот пат. Но, во втора година од студиите како практична работа моравме да направиме анимирана реклама во траење од 60 секунди. Нè поделија во тимови и сите членови имаа различни задолженија. Меѓу останатите, понудија можност некој да ја преземе улогата на режисер или продуцент. Помислив дека тоа никогаш не сум го правела, па одлучив да бидам продуцент. Во таа работа се вљубив. Од тој момент знаев со што ќе сакам да се занимавам“, вели Лана за 24sata.hr.
По дипломирањето се вратила во Загреб и почнала активно да бара работа во странство.
“Поголемиот дел од моите колеги сакаа да се занимаваат со креативна работа, но никој не сакаше да биде продуцент, бидејќи тоа не е истакната позиција. Јас се пронајдов баш во таа улога. По неколку неуспешни интервјуа успеав да добијам работа во мало студио во јужниот дел на Велика Британија каде се преселив, а пред две години добив работа во поголемо студио каде што работам и денес“, раскажува таа.
Нејзината работа подразбира познавање на работата на сите членови што ја изработуваат играта, а притоа е и проектен менаџер и се занимава со буџетирање.
“Видео индустријата е многу млада бидејќи видео игрите постојат околу 50 години. уште сме во фаза на развој и многу работи може да се променат. Во овој момент сме попрофитабилни од Холивуд и заработуваме околу 125 милијарди долари годишно на глобално ниво“, вели Лана.
Таа би сакала да се врати во Хрватска и да отвори сопствено студио. Инаку, нејзиното име се најде на листата на Forbes 30 under 30.
Фото: Facebook