Рестораните и кафулињата во Бодрум ја поминаа секоја мерка, така што некаде наплаќаат по десет пати повисоки цени од стандардните, велат претставници на локалните здруженија, предупредувајќи дека ваквата пракса би можела да ги избрка посетителите.
“Две шишиња минерална вода се продаваат за 30 турски лири (скоро 15 долари). Ако не се усвојат итни мерки, тоа ќе го убие Бодрум. Туристите кои доаѓаат тука јадат најскапа вечера и, да бидеме фер, доживуваат најголемо “дерење”во светот”, вели Махмут Кочадан, шеф на Трговската комора на Бодрум, пишува турски Хуријет.
Според него, многу ресторани и кафулиња сакаат да се збогатат во само една летна сезона.
Британски турист за новинската агенција Доган изјавил дека за вечера со сопругата и трите деца платиле скоро 850 долари, а нарачале риба и неколку пива. Затоа кога излегувале од хотелот, на вечера оделе на сендвичи.
Турција долго време се обидуваше да привлече туристи со ниски и пристапни цени. Но, во изминатите неколку години, цените во некои градови како Бодрум и Чешме станаа превисоки поради богатите туристи кои сакаат да платат повеќе за да го покажат својот статус.