Интел бара дополнителни субвенции од германската влада

104

Технолошкиот гигант Интел бара дополнителни субвенции од германската влада во износ меѓу четири и пет милијарди евра за да продолжи со изградбата на комплекс за производство на чипови во источниот дел на земјата, изјавија за Блумберг извори запознаени со ова прашање.

Производителот на чипови веќе постигна договор за изградба на фабрика во Магдебург со 6,8 милијарди евра (7,2 милијарди долари) владини субвенции, што е предмет на одобрение од Европската комисија. Сепак, почетокот на реализацијата на проектот на крајот на минатата година беше одложен поради економски тешкотии, па компанијата сега бара дополнителна помош, велат анонимни извори.

Вредноста на акциите на компанијата падна за 1,8 отсто на 25,53 долари во тргувањето во Њујорк.

„Пореметувањата во глобалната економија резултираа со зголемени трошоци, од енергија до оние за градежни материјали“, се вели во соопштението на компанијата Интел.

Под водство на извршниот директор Пат Гелсинџер, Интел започна масовна изградба на нови производствени комплекси со цел да ја врати водечката позиција во индустријата за полупроводници и да помогне повторно да се воспостави рамнотежа во производството кое моментално е концентрирано во Источна Азија.

Проектот на компанијата во Германија се соочува со одложувања бидејќи Соединетите Држави вршат притисок врз другите земји да помогнат во спротивставувањето на технолошкиот напредок на Кина. Минатата година Европската комисија објави план наречен Закон на ЕУ за чипови, според кој ќе инвестира 43 милијарди евра во индустријата за полупроводници на Стариот континент. САД создадоа план од 50 милијарди долари за субвенционирање на домашното производство.